Асимилацијата зема сè поголем и поголем замав помеѓу помалите етнички заедници, а непознавањето на ромскиот јазик доведува до губење на идентитетот!
Како и секој народ од Земјинава топка, така и ромската нација поседува вредности кои ја карактеризираат како посебна етничка група различна од другите: имаат свој јазик, своја култура, своја традиција и свои обичаи. Ромите во Република Македонија се соочуваат со многу чуден феномен. Многумина од припадниците на оваа етничка група не го зборуваат ромскиот јазик додека други, пак, за жал не го ни разбираат.
Ромите кои го зборуваат активно ромскиот јазик се населени во северниот и централниот дел на Република Македонија, односно во следниве градови: Скопје, Куманово, Прилеп, Тетово и други. Непознавањето и неговорењето на својот мајчин јазик се застапени кај поголемиот дел на Ромите кои живеат во источниот, западниот и јужниот дел во Македонија.
Со тоа што не го користат ромскиот јазик, тие се оддалечуваат од својата етничка припадност. Зошто? Затоа што ако еден народ не го негуваа својот јазик, тој народ исто како да не постои. Јазикот како средство за комуникација е еден од најважните елементи и фактори за постоење на одредена нација. Сметам дека Ромите од горенаведените делови на Македонија воопшто не се свесни за самата последица од неупотребувањето на јазикот која доведува до висок ризик на асимилација, за што силно влијание има доминантното мнозинство на население. Мислам дека е време и ромскиот народ населен на оваа територија да се освести за тоа што е, односно да почне да ја чувствува својата етничка припадност и за тоа да биде горд. Со ова сакам да ги охрабрам сите РОМИ од сите делови на Република Македонија да не го кријат својот идентитет мислејќи дека припадноста во ромската заедница ќе им наштети во нивниот општествен углед и кариера. Денес во светот, голем дел од Ромите кои се горди на својата етничка припадност се успешни како лекари, инженери, професори, архитекти, правници, политичари, социолози и многу други професии и нивната кариера сè уште расте и опстојува, иако јавно се изјаснуваат дека се Роми.
Фахри САЛИ,
Дипломиран Правник
No comments:
Post a Comment
Овде можете да го дадете своето мислење за нашиот блог. Ви благодариме.