„Куќата на стравот“ и „Долината на сексот“ се само дел од гласините што се шират помеѓу студентите за начинот и за животот во студентските домови. Многу мал број од студентите сакаат да живеат во студентски домови, бидејќи имаат предрасуди дека токму со животот во студентските домови, младите можат лесно да се расипат и да забораваат на своето образование. Речиси повеќето од студентите Роми кои студираат надвор од своето место на живеење сакаат да престојуваат по приватни куќи и станови, плаќајќи дури по 200 евра за еден месец. На дискусијата „Студентите Роми како носители на промени во заедницата/општеството“ студентите истакнаа дека таквиот пристап се коси со правилата за примање стипендија. Затоа што:
- Како е можно да живеат во станови и куќи и да плаќаат кирија од 200 евра? Ист е начинот на студирање и живеење: како е во студентски дом, така е и во куќа, само разликата е што во студентскиот дом плаќаат 50 евра, а за стан 200 евра, вели Себихан Демировски студент на Институтот за дефендологија од Берово.
СТУДЕНТСКИОТ ДОМ
Место за оддалечување од образовниот процес поради „моментните задоволства кое (НЕ) ги нуди“
ИЛИ
Место како и приватното сместување со таа разлика што два до трипати е поевтино за студентите кои студираат надвор од местото на живеење
НЕМА ДИСКРИМИНАЦИЈА - ЕДНАКОВ Е ЗА СИТЕ
Кога пожолтените лисја паѓаа, а дождот стануваше сè почест, пред токму четири години, дојдов да студирам, тогаш за првпат, во Скопје.
Иако за студентските домови претходно имав слушнато некои кажувања од типот, дека тоа е „Куќа на стравот“, а некои го нарекуваа и „Долина на сексот“, сепак моите финансиски услови беа такви да морам да се сместам во поевтината опција од приватното сместување, во СТУДЕНТСКИ ДОМ. Ова го сторив, иако пред тоа ми кажуваа што може да ме снајде таму. Единственото нешто што ми преостануваше беше да се навикнам на тој живот, или да си заминам. Желбата да се студира беше посилна од што и да било тогаш, па така се сместив во студенскиот дом „Стив Наумов“ кој се наоѓа во насебата Автокоманда, општина Гази Баба.
На почетокот се плашев како ќе ме прифати средината, затоа што од околу 3.000 сместени студенти јас бев единственото ромско девојче, но набргу моите дилеми и стравови завршија, можеби затоа што сфатив дека таму за сите правилата се еднакви и исти.
Според мене во студенскиот дом, каде што јас престојувам, не постои воопшто никаква дискриминација помеѓу самите студенти, туку напротив постои една добро воспоставена комуникација, соработка меѓу колегите, дружење и забава.
Не се потребни ама баш никакви врски за столче во мензата за земање храна. Зависно од тоа колку бонови имаш толку и послужавникот ќе си го наполниш, не ти требаат врски за влез во диско - клубот или, пак, за нешто друго што се организира на ниво на студентскиот дом. Условите за сите се исти и таму сите сме еднакви и рамноправни, односно со самото плаќање на станарината добиваме бонови со кои се храниме во мензата, бифето или купувавме од продавница.
Така фунционираат речиси сите студентски домови во државава...
ЛОШИ УСЛОВИ/НЕМАЊЕ АДЕКВАТНА ХИГИЕНА
Можеби до некаде би било сè во ред, но од претходната година, во женската зграда трокреветните соби ги направија четирикреветни, внесувајќи уште по еден кревет. Така се отежнува животот бидејќи нема ни по еден метар квадратен за секој студент внатре во собата. Но тоа е направено сè со цел да не останат на улица студентите кои немаат и не можат да си дозволат приватно сместување.
Еден од најважните фактори за здрав живот е хигиената, што во студенскиот дом „Стив Наумов“ е на многу ниско ниво. На секој кат има само по една бања што ја користат по минимум 50 студенти, зависно од тоа колку студенти се сместени на тој кат. Исто така и вецињата се многу лоши бидејќи хигиеничарката ги чисти еднаш дневно. Сметам дека подобро би било ако малку повеќе се обрне внимание на овие услови, со тоа што ќе се направат уште по некоку бањи на катовите, и ќе чистат најмалку трипати на ден.
Во мензата се хранат над 2.500 студенти и од исклучителна важност е таа да се дезинфицира, бидејќи неколкупати студентите беа доведени до ризик да бидат затруени од немање адекватни добри хигиенски услови.
НЕМА УСЛОВИ, НО ИМА УСПЕХ
Како еден од најважните фактори за добар живот во студентските домови е добрата комуникација со цимерите во собата, затоа што сите сме од различни средини, со различен менталитет и студираме на различни факултети. Затоа не го исклучувам овој фактор, кој според мене може да се каже дека е најважен од сè друго, затоа што ако во собата помеѓу цимерите не постои заеднички договор сè би било залудно.
До лани сметав дека државата воопшто ништо не прави за студенските домови, но од минатата година машката зграда е во фаза на реновирање и веќе е при крај со финализирање на внатрешниот дел. Во тек е реновирање на уште една зграда, но учеството на државата е само 30 проценти од вкупните средства потребни за реновирање, додека за другите средства се бара донатор. Студентите коишто треба да се вселат во неа се евакуирани во бараките коишто, наводно, пред две години требало да се урнат. Но, сепак, како и да е, добро е што се реновира и да се надеваме дека следната академска година оваа зграда ќе ја отворат за студентите да имаат можност да се преселат во неа.
Оваа година застрашувачки проблем е тоа што нема читална, затоа што таа беше во зградата која сега ја реновираат. Сите студенти се прашуваат каде ќе се учи кога колоквиумите се веќе на самиот праг. Но кој вели дека во студентски дом не се учи? Речиси веќе сум на самиот крај на моите студии и јас која смртно се плашев да живеам и да учам во студенски дом минатата академска година ја завршив со просек 9,50.
Како и да е, сместени сме само неколкумина студенти Роми по студентските домови. Прашањето што се отвора е следново: Каде се нашите студенти? Зошто воопшто не се пријавуваат за сместување во студентски дом? Во што е проблемот? Дали се плашат дека нема да бидат примени, дека ќе бидат дискриминирани и неприфатени или, пак, едноставно не сакаат да живеат во студентски дом затоа што имаат предрасуди? Овој текст сакам да го упатам како апел до сите сегашни и идни студенти дека воопшто не е страшно да се живее во студентски дом, затоа што ние самите сме си кројачи на своите судбини, и од нас зависи што ќе направиме со животот, па размислете за следната година!
Во Македонија ромската култура е слабо развиена
РОМСКИ КУЛТУРЕН ДОМ како решение!
Тања КРСТЕВСКА, студентка на Филозофски факултет
No comments:
Post a Comment
Овде можете да го дадете своето мислење за нашиот блог. Ви благодариме.