Search This Blog

Tuesday, August 24, 2010

ДАЛИ СЕКОЈ КОЈ ЗНАЕ АНГЛИСКИ Е АНГЛИЧАНЕЦ ???

Мешаните бракови виновни за непознавањето на ромскиот јазик. Чувството за припадност е услов за припаѓање во некоја етничка заедница, а не познавањето и говорењето на јазикот, вели Ајше Алиева, дипломиран економист од Велес.

Веќе некоку дена се прашувам од каде да почнам... Меѓутоа, одговорот не можам да го најдам, затоа почнувам да се уверувам во фактот дека навистина почетокот бил најтежок.
Размислувајќи за мојата сторија и за тоа што сакам да ви кажам, решив сето тоа да го опишам со една приказна:
Многу оддамна во еден мал град во земјата на далечините живеел привлечниот, чесниот и работољубив Азад. Тој бил Ром кој секојдневно ги извршувал работите во ковачницата.
Еден ден во ковачницата се појавиле неколку девојки, а меѓу нив и прекрасната Арзу, која била Турчинка и била многу богата. Азад уште во моментот кога ја видел Арзу се заљубил во неа. Девојките го оставиле тенџерето на поправка и ја напуштиле ковачницата. Тоа за Азад било како да згаснал сиот огин во дуќанот и почнал да бара чаре како да го освои срцето на прекрасната Арзу. Седнал до жарта, зел едно парче железо и почнал да му дава облик, и направил нешто дотогаш невидено, цвеќе од железо. Наредниот ден по тенџерето се вратила само една девојка, Арзу не била со неа. Азад бил разочаран бидејќи не можел да ја види, но сепак цвеќето од железо направено за неговата љубов го испратил по нејзината пријателка. Кога Арзу го видела цвеќето се воодушевила и ѝ се препуштила на љубовта.
По кратко флертување, Азад решил да разговара со таткото на девојката кој бил многу богат и не можел ни да помисли дека неговата ќерка е заљубена во обичен ковач, а згора на сè, тоа и Ром. Во еден момент љубовта на Арзу преминала во забранета... Не можеле да се гледаат како претходно, девојката веќе плачела за сè и ништо немало значење во нејзиниот живот, знаела дека никогаш повеќе нема да бидат заедно. Била во исчекување на секаква вест за него, мислела само на него:
Каде ли е сега? Што ли прави? Дали ме заборави?
Пати ли како што патам и јас?...
Девојката повеќе не можела да ја издржи оваа болка, се разболела....
Таткото не можејќи да ја гледа својата ќерка како пати, попуштил и дозволил вљубените да стапат во брак... Нивната љубов била закитена со мало ангелче кое го крстиле Ајша .
Можеби многумина од вас се запрашаа зошто е целава оваа приказна ...???
Па искрено да кажам, се потрудив да ја кажам мојата приказна, можеби не толку тажна, но сепак слична. Јас сум плод на мешан брак, на Турчинка и Ром. Мајчин јазик ми е турскиот, живеам во средина со турски и македонски семејства, средина во која ромскиот јазик е изумрен кај повеќето Роми од мојот крај.
Сметам дека не е правилна констатацијата оти познавањето на јазикот на одредена етничка заедница, како средство за комуникација, е основ за националната припадност/ориентација. Ако е предуслов да го говориш јазикот за да припаѓаш во заедницата, тогаш следуваат неколку реторички прашања:
Дали секој кој го зборува англискиот јазик а пропо треба да биде Англичанец?
Дали секој кој го говори германскиот јазик е Германец?
Или, дали секој кој знае турски е Турчин???
НЕ! Не се согласувам со тоа.
Сфатете, јас не сум виновна за изумирањето на ромскиот јазик, ромската култура и традиција во најголемиот дел на Велес. Јас само можам да вложам напор да го вратиме изгубеното. Непознавањето на ромскиот јазик не може да биде оружје за никого за да ме обвинува дека не сум Ромка, важно е како се чувствувам.
Знам сега сите се прашувате: ПА КАКО ТИ СЕ ДОЖИВУВАШ?
Верувајте ми да се одговори на ова прашање е многу тешко, иако како да ме прашувате: КОГО ПОВЕЌЕ ГО САКАШ ТАТКО ТИ ИЛИ МАЈКА ТИ?

Ајше АЛИЕВА,
дипломиран економист

No comments:

Post a Comment

Овде можете да го дадете своето мислење за нашиот блог. Ви благодариме.