Search This Blog

Tuesday, August 24, 2010

ЈУБИЛЕЈНА РЕЧ НА ТИМОТ


Дваесетти број! Добредојдовте на нашиот мал јубилеј, приклучете се и вие и прочитајте го новото издание на вашето студентско списание кое нуди многу интересни содржини...
Вообичаено во овој дел сега би требало да одиме со приказ на содржините, меѓутоа, мора да бидеме по малку и официјални и сериозни.
Како и секој јубилеј, и ние нашиот ќе го означиме со факти од историјатот, да не кажеме од поблиското минато. Во студениот јануари во далечната 2004 година, на иницијатива на неколку наши студенти (сега дипломирани и официјално вработени) им успеа да го реализираат проектот наречен РОМА ИНДЕКС! Тоа беше успех за нив, а и голем успех за ромските студенти и ромската младина.
Ви благодариме многу, почитувани ентузијасти за вашето залагање да создадете печатен медиум кој е алатка за искажување на ставовите, идеите и на бисерите на ромските студенти.
Предлагам да се потсетиме на воведот од првиот број на „Рома индекс“. Ве молам седнете на вашите места...
Сè започна од една голема студентска потреба, но и желба да се создаде нешто креативно, корисно, а во исто време, и интересно, да се создаде медиум преку кој студентите ќе ги споделуваат своите идеи, перспективи, погледи, надежи, мислења....
Инструмент кој можеше најсоодветно да ја реализира ваквата студентска иницијатива е „Рома индекс“, скромен студентски обид да се допре до младиот интелектуален потенцијал, да се влијае врз развивањето и издигнувањето на образовната свест и да се даде позитивен придонес во креирањето на јавното студентско мислење.
Примарната цел на „Рома индекс“ е: да информира за сите новитети од областа на студентскиот живот и пошироко, да отвора прашања кои директно се однесуваат на Ромите, да анализира, да полемизира, да опфати социјално актуелни теми, да нуди информации за образовниот систем во Република Македонија, да ги разгледува прашањата поврзани со студентските права... Со други зборови, да стане медиум преку кој ќе се артикулира ромскиот студентски глас.
„Рома индекс“ ќе се грижи и за социјализаторската функција преку едукативни и други интересни содржини.
Забавната нота во ова студентско гласило нема да изостане. Забавата студентски ќе се дозира, академски ќе се спакува и ќе ви се понуди во пристојна форма.
Ви благодариме за вниманието.
Во меѓувреме слободно станете и послужете се, имаме коктел во просторијата до нас. Пријатно и не претерувајте со алкохолот. Алкохолот е штетен за здравјето.

No comments:

Post a Comment

Овде можете да го дадете своето мислење за нашиот блог. Ви благодариме.